Седум пара ножици сечеа една лента, трибината на стадионот во Чаир е готова, но до каде е салата „Партизан“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Седум пара ножици беа поделени за сечење лента при отворањето на трибината на стадионот на ФК Шкупи.

По едно парче лента пресекоа Висар Ганиу, Изет Меџити, Бујар Османи, Мухамет Сејдини и Артан Груби, а иако ножици му понудија и а градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, тој одби.

Прв кој што стапна на стадионот беше Мухамет Сејдини, претседател на Фудбалската федерација на Македонија.

„Ние сме задоволни бидејќи овој проект го реализиравме сите заедно  и е проект кој е  повеќе од потребен бидејќи вие знаете,фудбалскиот клуб Шкупи е со голема традиција, секоја пат ни фалело простор  за следење на натпреварите, бидејќи интересот е многу голем.“, рече Ганиу.

Но во договорот на Ганиу со граѓаните на општинските избори во 2017, беше ветено дека заедно со трибината ќе се  изгради и спортската сала Партизан. Но таа не се изгради.

„Салата Партизан требаше да ја градиме заедно со Град Скопје бидејќи вие знаете, дел од даноците одат таму и побаравме со капитални инвестициии за проекти кои ни се подготвени, да се инвестира. Меѓутоа поради пандемијата со Ковид 19, некои од приоритетите ги пренасочивме.“, рече Ганиу.

Реновирањето на стадионот е финансирано од највисоката фудбалска институција во Европа, УЕФА. За реализација на работите се погрижи Фудбалската федерација на Северна Македонија и Општина Чаир. Оваа инвестиција чинеше 1 милион и 300 илјади евра.