Во село Рашче, општина Сарај, се промовираше почетокот на работите за водоводна мрежа. Овој проект е во вредност од 172 милиони денари, ќе опфати седум села, а е финансиран од Град Скопје. Резервоар од 600м3 ќе се гради во село Копаница. Градоначалникот на општината вети дека со овој проект населените места ќе имаат 24 часа вода за пиење.
„Станува збор за многу важен проект бидејќи нема да има прекин во водоснабдувањето во овие населени места. 24 часа ќе имаат вода за пиење селата Рашче, Копаница, Бојане, Ласкарци и Буковиќ. Останува општина Сарај да ги подготви проектите кои се во подготвителна фаза и за населените места Чајлане и Семениште, при што резервоарот во Копаница има капацитет да ги снабди и овие населени места да се снабдат од овие резервоари кои сега ги промовираме“, вели Беџети.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, рече дека овој проект бил дел од нејзината изборна програма.
Првиот човек на ДУИ му честиташе на градоначалникот Беџети за решавањето на проблемот со водоснабдувањето во овие населени места, но го критикуваше дека овие работи требало многу порано да се средат.
„Ги видов и избројав, седум населени места, не знам Блерим и колку останаа без водоснабдување. Уште едно. Посакувам да го покриете тоа што поскоро, бидејќи во 21 век да се зборува за водовод и канализација, мислам дека не е добро. Требало многу порано да се завршат овие витални работи.“, вели Ахмети.
Според Арсовска и Беџети, овој проект се очекува да биде завршен на почетокот на 2024 година.
