Седуммина загинати во Франција како последица на високите температури

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Седум лица го загубија животот во Франција како последица на раниот бран на екстремни горештини што зафати голем дел од Западна Европа. Во меѓувреме, Франција и Обединетото Кралство регистрираа рекордни температури за месец мај.

Портпаролката на француската влада, Мод Брежон, изјави за телевизијата TF1 дека седум смртни случаи се директно или индиректно поврзани со високите температури.

Според „Метео Франс“, највисоката температура регистрирана во понеделникот била 37,1°C во близина на Осгор, во југозападниот дел на земјата, додека во многу региони температурите се очекува да надминат 36°C и во наредните денови. Агенцијата соопшти дека ова бил најтоплиот мајски ден од почетокот на метеоролошките мерења, со национален просек од 24,4°C, со што е срушен рекордот од 1944 година.

И Обединетото Кралство се соочи со невообичаено високи температури за овој период од годината. Британската метеоролошка служба „Мет Офис“ соопшти дека во Кју Гарденс, во југозападен Лондон, температурата достигнала 34,8°C – највисоко ниво некогаш регистрирано во мај. Според британската агенција, вакви температури се ретки дури и во лето, а не пак во пролет.

Во Шпанија, метеоролошката служба „Аемет“ предупреди дека температурите од 36 до 38°C ќе продолжат во неколку главни долини во земјата, додека во некои области може да достигнат и до 40°C.

Француските власти ставија осум департмани под портокалов аларм поради горештините, апелирајќи до граѓаните да бидат внимателни и да преземат заштитни мерки. Ова е првпат националниот систем за тревога поради топлотен бран да биде активиран во месец мај од неговото воспоставување во 2004 година.