„Ве молам бидете трпеливи, сите кои сакаат да останат, можат да останат. Сите кои сакаат да заминат, може слободно да заминат. Обезбедивме доволно и автобуси и камиони, ќе бидете префрлени до Кладањ“, рече тогаш Ратко Младиќ.
Овие зборови на воениот злосторник, осуден за геноцид, Ратко Младиќ и 29 години подоцна се доказ за нечовечноста, злосторството и монструозноста. Илјадници момчиња и мажи беа егзекутирани, само затоа што припаѓале на друга етничка и религиска група.
На 11 јули 1995 година, босанските Срби презедоа подрачје заштитено од ОН во Сребреница. Одвоија најмалку 8.000 бошњачки мажи и момчиња од нивните сопруги, мајки и сестри и ги егзекутираа. Оние кои се обиделе да избегаат биле бркани низ шумата и низ планините околу градот.
Сторителите потоа ги закопале телата на жртвите во набрзина направени масовни гробници. За да го сокријат злочинот, подоцна ги ископале со булдожери, расфрлајќи ги останките меѓу другите погребни места.
Убиствата во Сребреница беа крвавата кулминација на војната, која дојде откако распадот на Југославија ги ослободи националистичките страсти и територијалните амбиции што ги поставија босанските Срби против двете други главни етнички популации во земјата, Хрватите и Бошњаците.
Меѓународниот суд на правдата, највисокиот трибунал на ОН, во 2007 година утврди дека делата извршени во Сребреница претставуваат геноцид.
Тоа беше првиот геноцид во Европа по нацистичкиот холокауст во Втората светска војна, во кој загинаа околу 6 милиони Евреи и луѓе од други малцинства.
И Србија и босанските Срби негираа дека се случил геноцид во Сребреница, иако тоа е утврдено од два суда на ОН.
Воениот политички водач на босанските Срби Радован Караџиќ и неговиот воен командант Ратко Младиќ беа осудени за геноцид во Сребреница од страна на специјалниот трибунал на ОН за воени злосторства во Хаг.
Претходно оваа година, Обединетите нации одобрија резолуција со која се воспоставува Меѓународен ден за комеморација на геноцидот во 1995 година.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
