Во светот на омилената цртана серија „Пепа Пиг“ се случи важен настан – Пепа стана голема сестра! Нејзината мајка, Мама Пиг, на свет донесе девојче по име Еви, а радосната вест беше соопштена во утринската емисија „Добро утро Британија“.
Бебето Еви се родило во 5:34 часот и го добила името по сестрата на Мама Пиг. Ова доаѓа откако минатиот месец во Лондон се одржа свечена забава на која беше откриен полот на бебето. Дополнителна возбуда кај фановите предизвика фактот дека породувањето се случило во истата болница и истото одделение каде што се породила и принцезата Кејт Мидлтон.
Тато Пиг откри дека Пепа и нејзиниот брат Џорџ со нетрпение ја очекувале својата нова сестричка. Тој најави и интервју следната недела во кое ќе зборува за новата фаза во животот на нивното семејство.
Подготовките за доаѓањето на новото бебе започнаа уште во февруари, кога Мама Пиг објави дека е бремена. „Возбудена сум што нашето семејство ќе порасне“, изјави тогаш таа во интервју за ITV.
Серијата „Пепа Пиг“ се емитува веќе повеќе од две децении и првпат го воведува концептот на новороденче во семејството. Со доаѓањето на Еви, гледачите можат да очекуваат нови авантури и животни промени за симпатичните ликови од семејството Пиг.
