Сертификат и нарушување на приватноста – „нема кршење на законот ако податоците не се зачувуваат некаде“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Одлуката – во простории каде има повеќе од 30 луѓе да може да се влезе само со приложување сертификат за примена вакцина, отвори полемика околу тоа дали има кршење на правата за заштита на личните податоци и приватноста на граѓаните? Уранија Пировска од Хелсиншки комитет вели дека дел од рестриктивните мерки се дозволиви доколку се во насока на заштита на јавното здравје. Ги повикува институциите веднаш да донесат законски акт кој ќе гарантира дека  личните податоци на граѓаните се заштитени.

Од Агенцијата за заштита на личните податоци велат дека нема повреда доколку при проверка, личните податоци не се зачувуваат некаде.

„Aко се врши само визуелна проверка на потврдата за извршена имунизација од вирусот Sars-Cov-2 (без оглед дали е во хартиена форма или се чува на дигитален уред) и притоа не се задржуваат лични податоци при ваквата проверка, тоа не претставува „обработка на личните податоци“ и следствено, ваквата активност излегува надвор од опсегот на Законот за заштита на личните податоци“, велат од Агенцијата за заштита на лични податоци.

В.д. директорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска-Димоска, објаснува дека нема да имаат право да ги идентификуваат граѓаните дали имаат сертификати. Инспекторите, одговорност ќе бараат од редарите, прашање кое ќе биде регулирано со закон најдоцна до утре.

Поранешниот уставен судија, Трендафил Ивановски вели дека Владата првин требала да направи законски измени, па дури потоа да донесе одлука за нови рестриктивни мерки.

На прашањето дали со новите мерки се нарушува приватноста на граѓаните, министерот за здравство, Венко Филипче одговори дека сертификат се бара во целиот свет и не е приватност доколку некому докажеме дека сме вакцинирани. Додава дека изготвиле и апликација „Common-pass“ со која ќе се скенира бар кодот на сертификатот.