Северна Кореја тврди дека нема случај на коронавирус, експертите сметаат дека земјата крие

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Северна Кореја нема ниту еден случај на заразен со коронавирус, соопшти денеска високо позициониран претставник на здравствените власти во земјата, пренесоа француските медиуми.

Веста се објави во момент кога повеќе земји изразија сомнеж дека во Северна Кореја нема зараза.

Сиромашната и дипломатски изолирана земја се граничи со Кина и Јужна Кореја, кои беа силно зафатени од вирусот, а своите граници ги затвори уште кон крајот на јануари, кога воведе драстични мерки за изолација.

Директорот во антиепидемиолошкиот оддел на Националниот центар за борба со епидемии, Пак Мон-су, денеска потенцираше дека напорите што ги вложија властите помогнале земјата да постигне подобар успех во борбата против глобалната закана и на нејзина територија да нема ниту еден заразен.

-Досега ниту едно лице во земјата не е заразено со коронавирусот, истакна тој.

„Ние презедовме превантивни и научни мерки, како инспекции и ставање под карантин на сите лица кои влегоа во нашата земја, извршивме целосна дезинфенкција на сите производи, како и затворање на границите и прекин на поморските и воздушните врски“, потсети тој.

Само неколку земји во светот, најчесто изолирани острови или држави опустошени од војни, досега не пријавија за ниту еден случај на зараза со Ковид-19, забелеуваат француските медиуми.

Според експертите, Северна Кореја е особено ранлива на вирусот заради својот здравствен систем, за кој се знае дека има доста проблеми. Тие го обвинија Пјонгјанг дека крие дека во земјата има епидемија.