Сезонските работници добиваат законска заштита – студенти, пензионери и социјални случаи можат да работат без грижа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Законот за ангажирање на лица за работа, кои веќе имаат други приходи од државата како пензии, гарантирана минимална социјална помош или студентски стипендии, предвидува да им се овозможи дополнителна работа, без разлика дали е тоа привремена, неколкудневна или сезонска работа, во времетраење од најмногу шест месеци во текот на годината. Ангажирањето ќе се пријавува електронски во Агенцијата за вработување, како од физички лица-работодавачи, така и од правни лица – компании.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, истакна дека новиот закон, кој почна да се применува од 01.01.2026 година, претставува важен чекор во уредувањето на пазарот на труд и формализирањето на сивата економија.

„Тука сме и со инспекторите, бидејќи во изминатите години, особено во 2025 година, од спроведените контроли многу лица, како што спомнав и во говорот – околу 85 илјади вработени на црно – не беа пријавени во Агенцијата за вработување и нормално е дека за прекршоците се изрекуваат казни. За да се избегне ова и за да се почитува законот, ја создадовме оваа законска рамка што им овозможува да се пријават за онолку денови колку што им се потребни.“, порача Бесар Дурмиши.

Од Центарот за истражување и креирање политики велат дека овој закон им овозможува на ангажираните работници да им се плаќаат придонеси за деновите и часовите што ги работат, а на студентите, социјалните случаи и работниците кои не го достигнале потребниот пензиски праг да им се пресметува работен стаж. Пријавувањето на привремено ангажираните лица ќе овозможи и фискални олеснувања за физичките лица-работодавачи и фирмите-компании, изјави Марија Ристеска.

„Сите ние можеме да станеме работодавачи и со овој закон сите можеме да бидеме ангажирани лица. Дигиталната платформа наскоро ќе ни понуди регистар на ангажирани лица и ќе биде адреса каде, доколку ви треба брзо работник во регулираните сектори како земјоделство, гастрономија, туризам, домашни услуги, а немате контакти за такви мајстори, ќе можете да ги најдете токму во овој регистар.“, вели Марија РИстеска.

Во првата фаза, законот ги опфаќа секторите каде што неформалната економија е најизразена, како земјоделството, шумарството, хотелското сместување, дејностите за подготовка и служење храна – кафетерии и ресторани, домашните активности како одржување, чистење и чување деца, работниците во брзите поштенски служби и други.

Очекувањата се, дека со овој закон ќе се формализира работата на околу 12.000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 непријавени работници во туризмот, хотелиерството и угостителство, што вкупно опфаќа околу 17.400 лица. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека околу 85 илјади лица биле ангажирани неформално во текот на 2025 година, што значи дека немале здравствено и пензиско осигурување.