Шаќири: Остануваме посветени на клучните реформи од Извештајот на ЕК

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Владата останува посветена на спроведувањето на клучните реформи истакнати во Извештајот на Европската комисија за 2020 година и организирање ефикасен пристапен дијалог со Европската унија. Процесот на интеграција во ЕУ останува стратешки приоритет за развој, стабилност и просперитет на земјата и ние остануваме посветени на овој процес, истакна министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири во воведното обраќање на денешниот 17. состанок на Поткомитетот за иновации, информатичко општество и социјална политика во Европската комисија.

Шаќири, кој се обрати во својство на копретседавач, ја потенцираше посветеноста на земјава кон исполнувањето на сите задачи во рамки на Поткомитетот, наспроти сите предизвици поврзани со пандемијата.

Според него, од особено значење е одржувањето редовен дијалог со Европската комисија во рамки на Договорот за стабилизација и асоцијација.

– Овој Поткомитет претставува суштински форум за воспоставување и унапредување на континуираниот дијалог во важни области, како што се образование и култура, информатичко општество и медиуми, социјална политика и вработување и наука и истражување, напомена Шаќири.

На состанокот, меѓу другото, се дискутираше за напредокот во однос на препораките од Извештајот од 2020, како и за спроведувањето на заклучоците од Поткомитетот од 2020 година.

Поткомитетот за иновации, информатичко општество и социјална политика е едно од телата за дијалог помеѓу Република Северна Македонија и Европската унија, воспоставен во рамки на Комитетот за стабилизација и асоцијација.