Шара, национален парк само на хартија – претпријатието за менаџирање има само еден вработен, директорот!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шар Планина е прогласена за национален парк. За ова е формирана дури и компанија за управување, но досега компанијата постои само на хартија, бидејќи со работа се уште нема започнато!

Во меѓувреме, сечењето на дрвјата, особено во делот на Гостивар, дивите градби на Попова Шапка, се дел од уништувачите на националниот парк. Министерот за животна средина Насер Нуредини признава дека има доцнење, но според него главното е што националниот парк е реалност и ситуацијата се става под контрола.

„Управувањето со шумите е под институцијата национален парк, компанијата за која зборувате веќе нема надлежности таму, дивата сеча нормално секогаш била и ќе остане незаконска, но идејата на националниот парк е да го регулира менаџирањето со шумите во националниот парк. Дирекцијата е одговорна додека не се изгласа планот за управување со Шар планина, потоа ќе имаме и план за одржување на шумите во националниот парк. Одлучено е канцелариите на компанијата да бидат во Тетово, каде што порано беше центарот на гондолата до Попова Шапка, а канцелариите наскоро ќе бидат отворени“, вели Насер Нуредини.

Компанијата за стопанисување со Националниот парк Шар Планина е формирана пред една година, а единствен вработен во неа е директорот Ибрахим Дехари, кој очекува во текот на оваа година да има 15 нови вработувања, од кои 5 со договор.

„Во моментов сум само јас. Се очекува за оваа година да се вработат 10 редовни и петмина со договори, а за следната година уште 15“, вели Ибрахим Дехари.

Од друга страна, министерот Нуредини вели дека наскоро ќе смислат име за новата инвестиција на Попова Шапка.

„Ние сме во преговори со потенцијален инвеститор кој сака да ја развие Попова Шапка  за скијање и туризам, но кога ќе имаме сериозна понуда, сериозен предлог, ќе ја презентираме“, вели Насер Нуредини.

Помина една година откако Шар Планина беше прогласена за национален парк и беше формирана компанија која ќе го менаџира, но досега не се забележани активности на терен и компанијата се уште нема канцеларии и вработени.