Иако е национален парк, Шар планина и понатаму е преполна со ѓубре и диви депонии. Природната убавина се обезличува со овие глетки, особено околу планинските села на националниот парк. Директорот на паркот Ибрахим Дехари вели дека проблемот со отпадот е поизразен во општина Тетово, Боговиње и Врапчиште.
„Имаме спор со Министерството за животна средина околу отстранувањето на овие депонии, минатата година беа делумно исчистени, но проблемот е што тие продолжуваат и се враќаат онака како што беа порано. Проблемот е во општините кои не го собираат дневниот отпад или воопшто не го собираат отпадот во селата Ѓермо, Вејце, Вешала, Бозовце, во општина Боговиње, Новосело, Урвич, Јеловјане, Селце Кеч, во општина Врапчиште, Калиште, Ломница и Ѓурѓевиште“, вели Ибрахим Дехари.
Од општина Тетово велат дека не можат да решаваат проблеми кои не се нивни и дека го собираат сметот во сите села.
„Министерството за екологија и дирекцијата на Шар планина се надлежни за чистење на депониите лоцирани на Шар планина. Општина Тетово е одговорна за чистење на отпадот лоциран во општина Тетово и селата кои се дел од општина Тетово, работа што ја врши ЈКП, додека остатокот за депонијата лоцирана во планините припаѓа на министерството и дирекцијата на националниот парк“, порача Бесарта Рамадани.
Министерството за екологија одвои средства за чистење на депониите, а подоцна министерот изјави дека парите за чистење на депониите се залудно фрлени пари, бидејќи истите се реформираат.
