Шасивари и Ќехаја: Македонија и Косово ќе ја продлабочуваат соработката во правосудството

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Унапредувањето на билатералната соработка и заедничките напори на патот кон Европската Унија беа во фокусот на денешната средба меѓу министерот за правда Јетон Шасивари и амбасадорот на Република Косово во Република Северна Македонија, Флоријан Ќехаја.

На средбата беше потврдена заедничката определба за натамошно јакнење на партнерството, особено во областа на правосудството, владеењето на правото и спроведувањето на реформите поврзани со европската интеграција.

Соговорниците оценија дека Македонија и Косово, како добри соседи, имаат заедничка визија за стабилен регион кој ќе се темели на демократски вредности, владеење на правото и членство во Европската Унија. Во таа насока беше истакната важноста од размена на искуства и добри практики со цел поефикасно реализирање на реформските процеси.

Посебен акцент беше ставен на реформите во правосудниот систем, зајакнувањето на независноста на судството и дигитализацијата на правосудните институции.

Министерот Шасивари нагласи дека ефикасното, функционално и независно судство е клучен предуслов за враќање на довербата на граѓаните во институциите, но и за успешен напредок на државата во процесот на евроинтеграции.

На средбата беше заклучено дека заедничката посветеност на реформите и владеењето на правото претставува цврста основа за уште поинтензивна соработка меѓу двете соседни земји во наредниот период.