ЕК бележи напредок во дигитализацијата, Андоновски: Зад ова стојат донесени закони, системи и услуги што граѓаните сè повеќе ги користат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Извештајот на Европската комисија констатира „добар напредок“ на Македонија во дигиталната трансформација и медиумите, со што нивото на подготвеност е оценето како „меѓу умерено и добро“. Ова го соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, презентирајќи ги наодите од Извештајот на ЕК за 2026 година.

Тој посочи дека подобрената оценка е резултат на донесени закони, воспоставени системи и услуги што сè повеќе ги користат граѓаните.

Во однос на електронските услуги, Андоновски информираше дека до крајот на август на Националниот портал биле достапни 338 услуги. Приоритет, како што рече, е тие да можат целосно да се завршуваат електронски, без одење во институциите.

Значителен раст има и кај размената на податоци меѓу институциите. Месечните трансакции на платформата за интероперабилност пораснале од 700 илјади во 2024 година, на 1,4 милиони во 2025 година и 5,2 милиони во 2026 година.

„Институциите мора да разменуваат податоци, не граѓаните документи“, порача Андоновски.

Електронскиот систем за управување со документи – еДМС, до крајот на јуни го користеле 44 институции. Министерот најави дека во наредните месеци на платформата ќе се приклучат уште 20 институции.

Во делот на сајбер-безбедноста, Европската комисија го нотира воспоставувањето на владиниот тим за одговор на компјутерски инциденти (MKD-GOV-CSIRT), како и вложувањата во платформа и стручни капацитети.

Андоновски се осврна и на развојот на вештачката интелигенција преку проектот „Везилка“, за кој Владата и Министерството вложуваат повеќе од 90 милиони денари. Проектот, координиран од ФИНКИ, треба да ги поврзе македонските истражувачи, студентите и компаниите со европскиот екосистем.

„Талент имаме. Нашата задача е да создадеме услови тој талент да работи, да истражува и да создава тука, во Македонија“, изјави министерот.

Тој најави и продолжување на подобрувањата на апликацијата „м.Услуги“ и развојот на дигиталниот паричник.

„Помалку одење по шалтери. Побрзи постапки. Побезбедни услуги. Повеќе можности за нашите компании и млади луѓе“, порача Андоновски.