Денеска Северна Македонија со вежбата „Одлучен удар 21“ ја праќа пораката дека е НАТО сојузник на кој може да се смета, дека инвестира во својата и во регионалната безбедност, но и дека придонесува кон безбедноста и кон развојот на одбранбената соработка во Алијансата. Тоа го истакна министерката Радмила Шекеринска по работната средба со министерката за одбрана на Црна Гора, Оливера Ињац, која денес се одржа во Скопје во пресрет на денот за високи гости на меѓународната воена вежба „Одлучен удар 21“ чиј домаќин е нашата држава.
Шекеринска рече дека оваа вежба е потврда дека по успешната прва година од членството во НАТО, успешно ќе ја завршиме и целокупната воена интеграција во Алијансата. Вежбата, додаде министерката, покажува што сè можеме да сториме на планот на интеграција, интероперабилност и развој на нашите способности.
На средбата на министерките Шекеринска и Ињац беше заклучено дека членството на Северна Македонија и Црна Гора во НАТО му даде на Балканот нова енергија и перспектива и дека продолжувањето не само на евроатлантскиот, туку и на европскиот пат за двете земји е највисок приоритет, особено имајќи предвид дека и Северна Македонија и Црна Гора ја споделуваат истата идеја, истата визија за Балканот, интегриран во Европската Унија.
Во контекст на одбранбената соработка, министерката Шекеринска порача дека таа е исклучително активна и долгогодишна, и дека истата ќе продолжи да се развива и во иднина, особено во контекст на Воената академија, каде веќе 11 години, а и годинава, се школуваат и питомци за потребите на црногорската Армија, како и во контекст на интензивирање на обуката имајќи предвид дека и двете армии се одлучија за сличен тип на модернизација на својата пешадија.
Министерката најави дека министрите за одбрана на Северна Македонија, на Црна Гора и на Словенија, веќе следниот месец заеднички ќе ги посетат Балтичките земји, каде ќе се разговара за заедничко учество во т.н. „Enhanced Forward Presence“ на Алијансата.
Шекеринска информираше и за уште една нова понуда за заеднички настап во Одбранбениот колеџ во Рим, за што изрази уверување дека ќе биде позитивно прифатено од пријателска Црна Гора.
„На колешката Ињац и понудив уште една форма на заеднички настап која што убедена сум дека ќе биде прифатена, а тоа е да испраќаме офицери на ротациона основа или цивили во Одбранбениот колеџ во Рим, на кој што поминале многу наши сегашни офицери. Мали држави мора да бидат паметни со своите финансии, мора да бидат паметни и со користење на своите човечки ресурси и затоа предлогот кој што го дадовме до Црна Гора е практично по две години да ротираме наши кадри и да обезбедиме присуство наше и во оваа важна институција“, информираше министерката.
Министерката Оливера Ињац се заблагодари на срдечниот прием и рече дека и е чест да присуствува на завршницата на вежбата „Одлучен удар 21“. Двете земји, рече таа, тежнеат кон зајакнување на регионалната стабилност, кон просперитетот на Западен Балкан и дека земјите, сојузници во Алијансата споделуваат заеднички вредности, но и имаат потенцијал и можности за заедничка работа и заеднички активности.
„Дозволете ми да го истакнам задоволството што тука после една година, на првата годишнина на членство во НАТО, и соопштив на министерката Шекеринска дека една од првите вести што ги дознав во 2020 година беше дека Северна Македонија стана членка на НАТО. Учествувавме во изминатите години во многу проекти и иницијативи за да се забрза членството на Република Северна Македонија во НАТО, така што со мојата мисија се почувствував гордо затоа што таа цел ја остваривме сите заедно, и што сега ни претстојат времиња кои што треба да ни донесат просперитет на Република Северна Македонија и на Црна Гора и на целиот Западен Балкан“, истакна Ињац.
Во фокус на разговорите беше и набавката на лесни оклопни возила на двете земји од САД, како и утрешниот самит на НАТО на министри за одбрана и за надворешни работи. Министерката за одбрана на Црна Гора денес е гостинка на министерката Шекеринска во рамки на денот за високи гости на вежбата „Одлучен удар 21“, кој ќе се одржи на армискиот полигон „Криволак“, и на кој ќе присуствува целиот државен и воен врв, воени и политички претставници на САД и претставници на Република Грција и Република Бугарија, како и други гости.
