Шесте целосно реновирани хируршки сали во Клиничкиот центар во Скопје треба да бидат ставени во функција на 30 јуни, најави министерот за здравство Азир Алиу.
Според него, пуштањето во употреба ќе следи откако ќе заврши процесот на верификација на протоколите за работа, кој го спроведуваат странски експерти.
„Откако ќе помине верификациската постапка од странските експерти, потребни се уште три до четири дена за да се направат брисеви од страна на Институтот за јавно здравје. Тие треба три последователни пати да бидат негативни за да може да започне работата“, објасни Алиу.
Министерот посочи дека при проверките биле забележани одредени детали кои требало дополнително да се усогласат со стандардите, меѓу кои и подобрувања поврзани со хигиенските протоколи и процедурите за започнување операции.
Од шесте обновени операциони сали, две се наменети за Клиниката за ТОАРИЛУЦ, две за Клиниката за урологија и две за Детската хирургија.
Во рамки на проектот предвидена е и реконструкција на уште четири операциони сали, кои според најавите ќе бидат пасивни, односно ќе служат како дополнителен капацитет.
На промоцијата на проектот во април, директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџаноски, информираше дека обновата на вкупно 10 операциони сали се реализира во две фази со цел да не се прекине работата на терцијарното здравство.
Вкупната вредност на проектот за реконструкција на 10 хируршки сали изнесува околу 282 милиони денари, односно повеќе од 4,5 милиони евра.
Со пуштањето во употреба на новите сали, здравствените власти очекуваат подобри услови за медицинскиот персонал и поголема безбедност и квалитет при изведување на хируршките интервенции.
