Репрезентациите на Шпанија и Саудиска Арабија денеска од 18 часот ќе го одиграат натпреварот од второто коло во Групата Х на Светското првенство 2026.
Шпанците влегуваат во дуелот со императив за победа, откако во првото коло неочекувано ремизираа без голови против Зеленортските Острови. „Црвената фурија“ важи за фаворит во групата, но нов кикс би можел значително да им ги искомплицира шансите за пласман во нокаут-фазата.
Од друга страна, Саудиска Арабија е охрабрена по освоениот бод против фаворизираниот Уругвај во првото коло. Саудијците покажаа дисциплинирана игра и цврста одбрана, а вечерва ќе се обидат да продолжат со изненадувањата на шампионатот.
По првото коло и Шпанија и Саудиска Арабија имаат по еден бод, што му дава дополнителна важност на денешниот натпревар во борбата за првите две позиции во групата.
Главен судија на средбата ќе биде Бразилецот Рафаел Клаус.
