Ќе се намалат ли банкарските провизии, по барањето кое го адресира до банките Гувернерот Трајко Славески?! Банкарите велат тоа е индивидуална одлука на секоја банка. Ги разгледуваат ценовниците и калкулираат дали и колку може да се намалат. Но потсетуваат на ветувањето на Гувернерот, Народната банка да ги намали надоместоците што банките ги плаќаат за користење на услугите во Македонскиот интербанкарски платен систем.
„Банките веќе почнаа да си ги разгледуваат тарифите, тоа што го даде гувернерот, но како што нагласив и тогаш тоа е индивидуална одлука на секоја банка односно на органите на управување на банката.Пред се, треба да ги погледнеме тарифите, беше ветено и од Народната банка дека на долговниот промет на страната на трансакциите поврзани со МИПС ќе има ослободување од таа трансакција.Тоа се покомплексни пресметки и за едното и за другото, така што во соодветно време ќе реагираат, очекувам дека ќе реагираат“, вели Маја Стевкова Штериева.

Гувернерот на Народната банка Трајко Славески, минатата недела побара од банките да ги намалат провизиите за платежни услуги кои им ги наплаќаат на граѓаните и компаниите. Ако не се договорат им се закани со донесување закон со кој Народната банка ќе ги регулира провизиите.
„Ако цените на електричната енергија, на природниот гас, на снабдувањето со вода, на телекомуникациски услуги се регулирани, така ќе бидат регулирани уште можеби од есен и цените на платежните услуги“, вели Трајко Славески.

Според Славески треба или да се намалат или целосно да се укинат како што е во ЕУ провизиите за одржување платежна сметка, електронско и мобилно банкарство, меѓубанкарски плаќања во денари, подигнување пари од туѓ банкомат, ПОС терминали.
Рече дека НБРМ ќе го направи првиот чекор со тоа што ќе ги намали провизиите кои им ги наплаќа на комерцијалните банки. Податоците на народната банка покажуваат дека за само три месеци од годинава, банките остварија профит од речиси 73 милиони евра. Само од провизии наплатија 44 милиони евра од граѓаните и стопанството. 2024-та ја завршија со профит од 283 милиони евра и наплата од провизии од 115 милиони евра.
