Вдишувањето на јаглерод моноксид предизвикан од чадот, може да предизвика смрт. Граѓаните честопати приоѓаат за да помогнат и да ги спасат своите работи, но тоа може да има фатални последици, вели Костадин Поповски, пожарникар во пензија.
Како што вели, моменталната противпожарна опрема е во бедна состојба.
Поповски пред неколку години отвори Центар за обука на пожарникари во Битола. Вели дека ја поседува најсофистицираната опрема која ја добиле како донација од европските земји, но како што додава, нема никаква поддршка од државните институции.
Инаку, Независниот синдикат на пожарникари при Сојузот на синдикати на Македонија информираше дека секој ден добиваат дојави за прекршување на правата од работен однос во услови кога пожарникарите се борат со гаснење на пожарите низ државата. Во соопштението за медиуми, како пример ја посочија општина Ранковце, каде сѐ уште нема трета смета, па поради тоа некои од пожарникарите мора да работат и по 40 часа непрекинато. Слични делувања, како што наведуваат, се случуваат и на други места низ државата.
