Што донесе Самитот за Западен Балкан? – Димитров: Бугарија не можеме да ја сметаме наш пријател

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вицепремиерот Никола Димитров во интервју за Би-Би-Си, сепак оценува дека од Самитот за Западен Балкан е испратена порака дека постои европската иднина за нашиот регион. Но, околу односите со Бугарија вели дека тие не можат да се наречат наши пријатели.

„За прв пат по неколку години, ЕУ успеа да постигне консензус за да ја потврди својата посветеност кон проширувањето. На претходните Самити, оној во Загреб и тој во Софија се зборуваше само за европската перспектива. Во таа смисла, сега барем имаме политички сигнал, но тоа што ќе биде потребно за да се врати довербата кај луѓето, покрај добрите зборови е акција. Не е пријателски да се блокира нешто што е толку важно за луѓето во Северна Македонија – нашата европска иднина. Навистина е тешко на некој начин да продолжите да ги нарекувате пријатели“, истакна Никола Димитров.

Потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски не очекува дека во скоро време ќе ги почнеме преговорите.  Декември е невозможна мисија за нас вели тој.

„Во ноември месец има претседателски и парламентарни избори во Бугарија после кои што повторно е неизвесно дали ќе се формира влада и ако се формира дали ќе успее таа влада да стигне до декември и дали прво прашање и е Македонија. И трето она што го слушаме не само од Румен Радев туку од значаен број кандидати за претседател на Бугарија, Бугарија останува на своите тврди позиции кои што за нас се крајно неприфатливи и мислам дека ниедна власт не треба да биде оптимистична бидејќи тоа за нас е понижување“, истакна Александар Николовски.

Првиот човек на Еуротинк Димитар Николовски пак вели дека Европската унија треба да биде поискрена во намерите за проширувањето

„Сепак треба да ја остави можноста за полноправно членство меѓутоа треба да бидат многу поискрени околу некои временски рамки кои моментално не ги даваат. Доколку имаме некои подефинирани временски рамки тогаш и земјите од Западен Балкан ќе се однесуваат на поинаков начин па дури и во насока на таа економска унија која ја пропагираат“, посочи Димитар Николовски.

Самитот за Западен Балкан се одржа минатата недела во Брдо кај Крањ, од која се очекуваше регионов да добие перспектива за европскиот пат.