Пораките за силна поддршка кон Македонија за отворање на патот на Европската унија од шефот на француската држава Емануел Макрон, ги подгрева надежите дека е можно скорешно започнување на преговорите. Макрон, кој вчера го пречека македонскиот премиер Зоран Заев пред Елисејската палата рече дека Македонија ги спроведе важните реформи во 2017 година и затоа треба веднаш да ги почне преговорите, а Франција ќе биде лично вклучена во надминувањето на спорот од соседна Бугарија.
„Северна Македонија треба да влезе во Европската унија и знаете дека Франција целосно ве поддржува на тој пат. Понекогаш можеби сте мислеле дека сме тежок партнер кој што многу бара но јас сакам да бидам искрен партнер. Затоа ние одлучивме да ги отвориме преговорите за членство со вашата земја во месец март 2020 година, но сега дојдено е време да се конкретизира таа одлука, а покасно ќе зборуваме за начините како да се постигне тоа и активно го поддржувам изнаоѓањето компромис со Бугарија.“, вели Макрон.
Премиерот Заев истакна дека е задоволен од отворената поддршка од Франција и дека за него е прифатлив португалскиот предлог кој не задира во идентитетските прашања.
„Предложените решенија на португалското претседателство се добра основа, а Северна Македонија е подготвена за билатерален дијалог кој ќе донесе разумен и заемно прифатлив договор во рамките на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија. Тоа значи дека прашањата за македонскиот јазик и идентитет не можат да бидат на преговарачката маса. Мерси боку мсје пресидент.“, рече Заев.
Но како Макрон го смени ставот за Македонија, кога токму тој во октомври 2019 година со воведувањето на новата методологија практично не стопираше за почетокот на преговорите со ЕУ. Професорот Нано Ружин кој е добар познавач на француските состојби вели дека од тогаш до сега се случија многу работи кои влијаеја на тоа Макрон да ја смени политиката, а едно од нив е претераниот агресивен став на Бугарија кон Македонија.
„Македонската дипломатија и пред се Владата со една умерена политика на неприфаќање судир со сите тие екстремни ставови, освен тоа што го правеше опозицијата и одредени интелектуалци, значи Владата беше многу неутрална, многу умерена не влезе во клинч со бугарските позиции и трето што е многу битно тоа е најновата позиција на Бајден. “, рече Ружин.
Со добивањето поддршка од Франција откако како силен поддржувач ја имаме Германија, Македонија ги има две европски сили кои и го отвораат патот кон ЕУ. Дали ова ќе биде доволно за наскоро да ги почнеме преговорите?
„Северна Македонија многу брзо ќе се движи бидејќи сите индикатори за реформите се добри и затоа се очекува еден позитивен ефект. Можеби ќе се очекува ако не дојде до решавање сега, ќе се очекуваат бугарските избори. Битно е да најдат решение во спорот да го наречам условно, меѓу Софија и Скопје, останатото ќе си дојде само по себе. И Германија и Франција ја поддржуваат Северна Македонија за членство во Европската унија.“, вели Ружин.
И денеска поддршка за старт на преговорите на земјава со Европската унија стигна од Стејт департментот. Портпаролот Нед Прајс пренесе дека Сооединетите Американски Држави го поддржува отворањето преговори за членство во Европската унија на Северна Македонија и Албанија без одложување. Се ангажираме на највисоки нивоа во Владата, за да ја демонстрираме нашата посветеност кон европскиот пат на земјите аспиранти, се вели во пораката. Неофицијално Западен Балкан ќе биде една од темите на средбата на американскиот претседател Џозеф Бајден со лидерите на Европската унија следната недела во Брисел.
