Најавата на еврокомесарката Марта Кос за зајакнати механизми за проширувањето на Унијата во октомври според вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали е позитивен сигнал. Македонија добива пораки од дипломатите дека се следи динамиката на спроведување, вели Сали и додава дека се потребни интензивни чекори за реализација на обврските.
„Секако нашите институции се навремено информирани и иницирани да проширувањето на реформската агенда биде во склоп на сите можности нашите институции да се адаптираат на потребите и пораките кои што ги даваат дипломатите и институциите од Европската комисија позитивно го гледам тоа. Значи комуникацијата со Европската унија ни е на одлично ниво и се трудиме ние како институции да одговориме навремено“, порача Беким Сали.
Еврокомесарката Марта Кос на вчерашната конференција на хрватските амбасадори во Загреб порача дека значително ќе се измени идното напредување на земјите кандидати кон членството со постепена интеграција, помалку блокирање на одлуките на други земји, како и построга контрола и измени во процесот на донесување одлуки во самата Европска унија.
„Светот се промени и проширувањето мора да се промени заедно со него. Комисијата ќе ги претстави своите идеи за тоа како Европската Унија треба да се подготви додека земјите кандидатки се приближуваат до крајот на преговорите за членство. Треба да ја искористиме оваа можност за да го направиме процесот на одлучување поедноставен и пофлексибилен“, вели Марта Кос.
Како ова би се одразило на македонскиот интегративен пат, Сали вели дека тоа се уште го разгледуваат и дека главно се фокусирани на исполнување на агендата до 2028.
„Критериумите за членство се уште не се дефинирани. Значи се зборува за еден период кој што би требало да се издефинира после 28-ма година и ние следиме напорно, сме во постојана комуникација каков ќе биде текот. Се уште ниту еден официјален документ или пак разговор нема во аспект на новите критериуми како би било новата фаза ние се уште работиме во агендата која што треба да ја завршиме 28-ма година“, вели Беким Сали.
Кос притоа побара посилни механизми за заштита на демократијата и владеењето на правото на новите земји членки. Мораме да се осигуриме да не ни влезат „тројански коњи“ ниту денес ниту по 10 или 20 години, рече таа.
