Главниот фокус на посетата на високиот американски претставник Габриел Ескобар се чини беше неговата средбата со претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Што му рекол Ескобар на Мицкоски во однос на уставните измени, дали има и кои се пораките во разговорот со опозицискиот претседател. Ескобар вчера во интервјуто за 360 степени повтори дека не е дојден да му кажува што да прави, но потоа со дипломатски речник му порача дека сојузник на САД е оној кој го поддржува евроатлантскиот пат.
„Во врска со лидерот на опозицијата, она што исто така сакам да го кажам е дека не дојдов тука за да му кажам што да прави и не дојдов тука да му диктирам услови. Но, сакав да ставам јасно на знаење дека Соединетите Американски Држави ги избираат за партнери на Балканот оние што го приближуваат регионот поблиску до Европа, оние кои ја покажуваат својата посветеност на НАТО и кои ја продолжуваат борбата против корупцијата. Тоа е нашето очекување. Тоа што се случува во моментов со можностите кои се презентирани, да се придвижи кандидатскиот статус на Северна Македонија кон Европската унија, е дел од тој процес“, вели Габриел Ескобар.
Мицкоски пак вели дека на средбата го уверил Ескобар зошто нема да ги поддржат уставните измени под бугарски диктат но истовремено и дека се залага за членство во Европската унија.
„Ценам дека сега и лично на господинот Ескобар позициите на ВМРО-ДПМНЕ му се појасни. Ние сме исто така како и тие загрижени за актуелната состојба во Македонија, но нашата загриженост ќе си дозволам да кажам дека е многу поголема зошто, затоа што сепак ние живееме во оваа држава во оваа наша Македонија. Јас сум дел од тие 80 проценти што сакам да ја видам мојата Македонија во рамките на Европската унија но исто така сум и дел од оние 85 проценти Македонци кои што велат доста е од понижување и од национални предавства“, посочи Христијан Мицкоски.
Но по ова се чини на Ескобар не му се јасни позициите на ВМРО-ДПМНЕ кои велат дека се залагаат за членство во ЕУ а не ги поддржуваат уставните измени кои се предуслов за европската интеграција.
„Па, би сакал да ги видам да ја објаснат оваа дилема во јавност. Затоа што, искрено во моментов земајќи ги предвид сите работи што се случуваат во Европа и што се случуваат во светот не знаеме што ќе се случи утре. Но знаеме дека денеска имаме можност да ја придвижиме кандидатурата на Северна Македонија поблиску и побргу од кој било друг на Западен Балкан“, вели Габриел Ескобар.
Премиерот Ковачевски пак, во вчерашното интервју за ТВ21 веднаш по средбата со Ескобар изјави дека Соединетите Американски Држави сакаат да ја видат Македонија во Европската унија.
„Високиот американски претставник кажа дека Соединетите Американски Држави сакаат да ја видат Северна Македонија како дел од Европската унија. Тие беа наша најголема поддршка кога станувавме дел од НАТО. Меѓутоа едно стана јасно на денот на поднесувањето на уставните измени на пленарната седница во Собранието а тоа е дека кај нас постои европска коалиција која што е за европска интеграција на државата а тоа е истата коалиција која што обезбеди членство на државата во НАТО и од друга страна непроменетата политика на ВМРО-ДПМНЕ и Левица во однос на изолација на државата“, порача Димитар Ковачевски.
Посетата на високиот американки претставник Габриел Ескобар во јавноста беше прокоментирана како можност за деблокирање на процесите на уставните измени, кои поради немањето мнозинство во Собранието се прекинати.
