Што носи францускиот предлог – може ли да е тој последната шанса за почеток на преговорите со ЕУ?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Што точно содржи францускиот предлог и дали има некакви замки особено поради фактот што и во Македонија но и во Бугарија го поздравуваат, се очекува да се види По консултативниот процес кој го најави премиерот Димитар Ковачевски. Извршниот директор на Еуротинк Димитар Николовски очекува во предлогот да бидат опфатени прашањата кои беа поставени како црвени линии од наша страна.

„Тоа е секако гаранции за јазикот и невнесување на историските аспекти во преговарачката рамка и да може Уставот да се отвори понатаму. Меѓутоа се уште не знаеме дали целосно имаат влезено тие, затоа што такви најави имаме меѓутоа ја немаме видено таа финална верзија од францускиот предлог. Добиваме и некои контрадикторни изјави од Бугарија поради тоа што велат дека во целост и нивните предлози се прифатени“, истакна Димитар Николовски.  

Евроамбасадорот Дејвид Гир очекува дека консултациите на Владата за францускиот предлог ќе дадат позитивен резултат и дека со тоа конечно ќе ги почнеме преговорите.

„Го поздравуваме ревидираниот француски предлог кој е направен да одговори на загриженоста на Северна Македонија. Сега премиерот ги води консултациите. Се надеваме дека тие консултации ќе бидат исполнети и дека ќе овозможат отворање на преговорите. Последните недели беа тешки за сите но мислам дека сега сме во подобра позиција“, посочи Дејвид Гир.

Но што доколку се покаже дека сепак овој предлог има недоследности кои се неприфатливи за нас. Против предлогот излезе и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој иако рече дека го нема видено смета дека е неприфатлив, бидејќи како што истакна тој вчера, во него немало ништо друго освен два модифицирани збора. Дали ако го одбиеме и овој предлог тоа би можело да значи и дека е тоа последна шанса за почеток на преговорите во Европската унија?

„Јас не верувам во такви последни шанси, се додека не постои јасна порака од ЕУ дека се откажуваат од нас и додека не постои јасна порака од наша страна дека ние се откажуваме од ЕУ нема последна шанса. Така да дури и ова да не се искористи мислам дека ќе има шанси и понатаму“, порача Димитар Николовски.

Премиерот Ковачевски од денеска ги започнува консултациите за францускиот предлог кој вчера беше испратен до македонските власти.