Постоечкиот клинички центар е многу стар и амортизиран од секој аспект, објектот не нуди соодветни услови ниту за вработените, ниту пак за давање соодветни услуги. Ова го изјави министерот за здравство, Беким Сали, во интервју за МИА, додавајќи дека проектот за нов клинички центар треба да се реализира.
Од Министерството за здравство, за ТВ21 велат дека новиот клинички центар е национално прашање, дека се водат преговори за неколку локации и дека е потребен широк политички консензус.
Во февруари 2019 година Владата донесе одлука – во општината Ѓорче Петров на површина од 90 хектари во доминантна сопственост на државата да се изгради нов Универзитетски клинички центар на локалитетот т.н. Веле Поле. Во тоа време веста ја соопшти тогашниот министер за здравство, Венко Филипче.
Но, со овој проект не се согласуваше македонската опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ која го блокираше предлог-законот во Собрание со над две илјади амандмани. Велеа дека сѐ уште нема проект за клинички центар, туку само физибилити студија која предвидува проектот да чини 508 милиони евра. И покрај обидите на ТВ21 да добие став, од ВМРО-ДПМНЕ денеска не сакаа да се произнесат по ова прашање.
