Честото менување на министри во одредени министерства влијае на динамиката на остварување на клучните потреби на државата, изјави вицепремиерката Славица Грковска на прашањето зошто се уште не се воведени законите за јавна администрација со кои се очекува да се реформираат ресорите. Но, Грковска се уште не знае кога ќе бидат предложени овие закони.
Но од почетокот на октомври годинава, министерот Азир Алиу, во брифинг со новинарите изјави дека овие закони се во владина постапка, а ќе се усвојат со скратена постапка и европско знаменце.
„Наскоро ќе се изгласат законите за реформи во јавната администрација кои се чекаат со години. Законот за вработените во јавниот сектор и законот за административците кои наскоро ќе поминат во Влада, имаат за цел подобрување на услугите и ефикасноста на јавната администрација. Тие ќе опфатат мерки за обука на вработените во јавната администрација, регулирање на работниот однос и модернизација на административните процеси“, вели Азир Алиу.
Поминаа повеќе од месец и пол откако министерот ја даде оваа изјава, но се уште нема одговор кога овие закони ќе бидат предложени во Влада.
Потсетуваме дека измените на законите за јавната администрација се предвидени од 2019 година, но како што се променија министрите во одредени ресори, се променија и роковите за донесување на овие закони.
Инаку, во последниот извештај на ЕУ за нашата земја кај јавната администрација беа нотирани големи недостатоци во системот, а се истакна потребата за итни реформи.