Што содржат препораките на мешовитата комисија? – Заедничко чествување и по пет препораки за промена во учебниците

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Заеднички чествувања на Светите Кирил и Методиј и Светите Климент и Наум како и на цар Самоил, ова се препораките на Комисијата за историски прашања кои изминатиот период беа постигнати меѓу македонскиот и бугарскиот дел од Комисијата, а кои денеска ги објави и Министерството за надворешни работи. Копретседателот од македонска страна на Мешовитата комисија Драган Ѓорѓиев истакна дека покрај Македонија и Бугарија заеднички чествувања на овие историски личности ќе има и од други земји во кои тие имале одредено влијание.

„Главни критериуми за Комисијата беа презентација на универзалните вредности на тие личности, за придонесот на тие личности во развивањето на христијанската култура, христијанската традиција на овие простори и секако придонесот на тие личности за развојот на сесловенската писменост . Сите тие личности овозможуваат да бидат дел од заеднички чествувања не само на Македонија и Бугарија туку и на ред други земји“, вели Драган Ѓорѓиев.

Ѓорѓиев информираше и за постигнатите решенија во однос на менувањата на учебниците, во кои, како што нагласи тој не ги допираат идентитетските прашања но потенцира и дека и двете страни имаат реципроцитет во препораките.  Станува збор за 5 препораки на учебниците по историја за 5 клас во Бугарија и исто толку за 6-то одделение во Македонија и главно се однесува на античкиот период.  Ѓорѓиев посочи дека овие препораки одат до Владата кои најпрво доколку ги усвои, потоа преку Министерството за образование треба да се вградат во учебниците.  Како едно од барањата на македонската страна кон бугарската е да се интервенира во историските карти на Бугарија во кои Македонија е прикажана како бугарска територија.

„Препораките се однесуваат во однос на некои структурални недоследности во лекциите, потоа на фактографски грешки на историската географија односно како се претставени одредени реони географски во учебниците бидејќи во тие сегменти забележавме најмногу пропусти и во двата образовни системи“, посочи Драган Ѓорѓиев.

Ѓорѓиев очекува дека потешки ќе бидат разговорите кога ќе дојдат до Втората светска војна и Холокаустот, кога Бугарите ќе мора да се соочат со нивните трауми. Бугарскиот дел од Комисијата не сака да прифати во работата на Комисијата да бидат вклучени и меѓународни експерти, бидејќи како што велат, знаат дека на тој начин ќе бидат донесени до тенок мраз.