Што се треба да знаеме и како треба да се однесуваме по примањето на првата и втората доза од вакцината против коронавирусот?
Д-р Горан Кунгуловски кој работи во Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 посочи дека како и секоја вакцина најесенцијалниот дел е таа да не предизвикува сериозна болест, да не води до сериозна симптоматологија и сериозен исход од болеста.
„Кога се прима вакцината, еве да ја земеме Фајзеровата вакцина, според студиите и во Македонија и во странство, првите детектибилни антитела кои се детектираат излегуваат после две недели, но самата појава на антитела не гарантира дека вие сте 100 отсто сигурни. Тоа на ниво на една популација кога ќе се направи статистика гарантира дека многу помалку ќе се пренесува вирусот, но не ви гарантира на вас дека нема да се заразите или дека нема да имате сериозен исход од болеста. Но откако ќе ја примате втората доза и како изминуваат недела, две после втората доза – вие имате сериозен имунитет, антитела кои го неутрализираат вирусот. Во тој период вие ќе бидете релативно сигурни дека и при заразување и контакт со вирусот нема да имате сериозна болест или сериозен исход од таа болест“, посочува доктор Кунгуловски.
Во однос на тоа дали кај вакцинираните лица се пренесува болеста, д-р Кунгуловски вели дека нема јасен одговор, но многу помала е веројатноста да го пренесат вирусот.
Директорот на Институтот за Имунобиологија и хумана генетика, д-р Александар Петличковски вели дека според испитувањето на 200 лица кои биле вакцинирани со вакцината на Фајзер не се забележани промашување.
„Сите тие 200 луѓе кои сме ги анализирале, најмалку две недели после примањето на една доза на вакцина имаат развиено значајна и солидна количина на антитела и тоа зборува дека вакцината е ефикасна. Не за џабе се направени овие протоколи кои подразбираат две дози на вакцина, затоа што со втората вакцина прво се засилува имуниот одговор и второ се продолжува неговото траење. Конечниот ефект што го постигнуваме од сите вакцини добиваме скоро 100% заштита, односно 100% елиминирање на шанса за смрт“, посочува Петличковски.
