Штрајкот на СОНК продолжува, понудата на Владата е неприфатлива

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Генералниот штрајк на СОНК продолжува и утре. Понудата на Владата за зголемување на платите за 10% не ја прифаќаат, бидејќи како што велат приближно толку е и инфлацијата 8, 8 %, па многу лесно ќе го „стопи ‘ овој процент.

„Советот на СОНК расправаше денеска, а врз основа на изјаснувањето на повеќе од 500 синдикални организации на СОНК од овие дејности или над 95% се изјаснија за отфрлање на дадената усна понуда“, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Слична ваква ситуација имаше и во периодот од 2002-2006 година кога беше на власт СДСМ, велат од ВМРО- ДМПНЕ обвинувајќи за состојбата во образованието, во знак на поддршка на просветните работници.

„Ова што се случува во Република Македонија во однос на просветниот сектор и сите оние протести со кои го креваат гласот просветните работници и сите оние кои ја описменуваат нацијата не е ништо случајно и не е ништо случајно секогаш кога СДСМ е на власт“, вели Димче Арсовски.

Во интерес на учениците и нивниот образовен процес, наставата мора да продолжи да се одвива непречено – порачуваат од СДСМ.

„Нарушување на наставата може негативно да се одрази врз учениците и воспитно – образовниот процес. Отсуството од наставата може да доведе до пролонгирање на школската година, негативно да влијае врз уписите, како и врз полагањето на стручен испит за околу 500 наставници“, вели Ненад Коциќ.

Од СОНК реагираат за како што велат несериозниот пристап на надлежните за двомесечните преговори без одговор и предлог на писмените барања. Понудата од 10% според нив не кореспондира со висисната на зголемувањето на минималната плата. Нема стимулација за враќање на достоинството во професијата. Едно од најважните прашања  е усогласување на платите по Колективниот договор за коишто се подготвени да се прави со динамика од 2 години.