Штрајкот прекинат, Скопје и натаму полно со ѓубре – Ганиу: Очекуваме до вечерва Чаир да се врати во нормална состојба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Еден ден откако заврши штрајкот во ЈП КХС, Скопје се уште се гуши во отпад. На разни места каде се поставени контејнери, има голема количина на отпад. Ваква е состојбата и во Чаир. Градоначалникот на општината, Висар Ганиу, вели дека почнало собирањето на отпадот и очекува до вечерва состојбата да се врати во нормала.

„Имавме можност кај населбите или делот на стариот Чаир, работниците беа на терен за да го соберат отпадот, но поради големите количини на отпад, бидејќи станува збор за неколку дена, тој процес не беше завршен во текот на минатата ноќ така да и денеска во текот на денот бил исчистено булеварот Џон Кенеди имам информации и отпадот е отстранет. Мислам дека до навечер ќе го вратиме во нормала Чаир и потоа ќе почне секојдневниот распоред.“, рече Висар Ганиу.

Вчера Комунална хигиена извести дека 27 лица се отстранети од работа. Прашан дали оваа одлука има политичка позадина, Ганиу се надева дека нема такво нешто и го нарече неубав чин.

„Јас не можам да тврдам дека има некаква политичка позадина, треба да имам целосно информации. Не можам да предвидам во овој момент. Мислам дека тоа што тие добиле отказ не е убав чин. Треба да се разгледа целата ситуација.“, изјави Ганиу.

Во врска со тоа што извести вчера Данела Арсовска, дека имало лица кои се во Германија и Швајцарија а биле евидентирани како вработени во КХС, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека за секоја злоупотреба на буџетот ќе следуваат соодветни санкции.

Од друга страна преписките меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат. Секоја од нив ја префрла вината на друга страна за соработката и политичките коалиции со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. СДСМ вчера друи побара да се свика вонредна седница на Град Скопје, каде ќе предложат за собирањето смет да се ангажираат сите јавни претпријатија кои функционираат под Град Скопје.