Нова приватна инвестиција во енергетскиот сектор е ставена во функција, а станува збор за когенеративна централа која истовремено ќе произведува топлинска и електрична енергија. На пуштањето во употреба денеска присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски, кој оцени дека ваквите инвестиции се значаен придонес за енергетскиот сектор и квалитетот на животот на граѓаните.
Мицкоски упати честитки до инвеститорот и посочи дека централата ќе обезбедува топлина за домовите, но и електрична енергија.
„Би сакал да ја искористам оваа прилика да му честитам на сопственикот на овој објект, којшто ќе биде наскоро, денеска пуштен во употреба. Приватна инвестиција во делот на енергетиката, когенеративна централа. Што значи когенеративна централа? Дека во исто време ќе произведува и топлина за затоплување на домовите на граѓаните, но истовремено ќе произведува и електрична енергија“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека станува збор за проект кој доаѓа во период на енергетски предизвици, особено во пресрет на претстојната грејна сезона.
„Нешто што навистина претставува успешен проект, особено имајќи ги предвид предизвикувачките времиња коишто ни престојат оваа зима. Можевме да го разгледаме самиот објект, да се увериме во тоа што е инсталирано, во гасните мотори, во автоматиката, во сè она коешто инвеститорот го подготвил за следната грејна сезона. Се запознавме со неговите планови за проширување на инвестицијата“, рече премиерот.
Мицкоски истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува инвестициите во енергетиката, оценувајќи дека ваквите проекти можат да придонесат и за подобрување на животната средина преку намалување на емисиите на штетни честички.
„Јас му честитам, ова е во насока на подобрување исто така и на квалитетот на животната средина, намалување на емисиите на штетни честички во воздухот и јас убеден сум дека вакви проекти се само додадена вредност во квалитетот на животот на нашите граѓани. Уште еднаш му честитам. Ние како влада ќе продолжиме да поддржуваме вакви проекти и нека е аирлија и да ни се множат уште повеќе вакви проекти“, рече Мицкоски.
