Со пристигнување на зимската сезона почна и уништувањето на планините од неконтролираната сеча на дрва. По неколку жалби, од жителите на Колари и Тајмиште, кичевско, ТВ21 излезе на терен. Кога стигнавме на местото, глетката беше ваква:
Исечени дрва, подготвени за продажба.
Како што можете да видите, долниот дел од оваа страна на планината е целосно соголен, а и натаму се сече, без притоа да се остават млади дрвца да растат.
„Како и секоја зимска сезона, се сечат дрва од планината за снабдување на домовите со дрво за огрев. Се наоѓаме над селото Колари и Тајмиште, во планината, каде шумата како што можете да видите е целосно соголена во голем дел.“, вели репортерката на ТВ21.
ТВ21 дознава дека во планината над селото Колари, дрвата ги сече една компанија од Гостивар, која потоа ги продава во овој град, но и во Тетово. Побаравме став од директорот на ЈП Лапушник и тој ни рече дека имаат договор со една компанија бидејќи во Гостивар и Тетово има недостиг од дрво за огрев.
Иако снимките на ТВ21 самите говорат за состојбата на терен во планината над селото и дека не е оставено ниту едно дрво во овој дел, директорот на ЈП Лапушник Кичево, вели дека не е вистина дека планината е уништена и дека претставува опасност за селата под планината.
Најпогоден град од илегалната сеча на дрва Кичево. Во јануари оваа година истражувањата на Еуротинк објавија податоци од 2010 до 2019 кои покажуваат дека станува збор за организирано криминално дејствување каде сериозни криминални групи со хиерархија и структури, успеваат да соберат големи количини илегално исечени дрва. Тие велат дека во оваа илегална дејност се вклучени и моќни политички фигури. Во последниот извештај на Еуротинк се зборува за сума од 300 илјади евра на филијалата на Лапушник Кичево, поради злоупотреба на службената должност на еден директор и неколкумина вработени, но дека случајот останал во фиока до ден- денеска. Од МВР велат дека во јануари е поднесена кривична пријава, додека од судот велат дека кај нив не е стигнат ниту еден таков предмет.
