Шуц: ЕУ треба да се разбуди за Западен Балкан – Русија е подготвена да ги употреби сите средства за своите цели

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Според Сузан Шуц Директорката за Западен Балкан на Министерството за надворешни работи на Германија на регионот треба да му се даде јасна перспектива во Европската Унија. Таа ова го наведе со цел да не се остави простор за влијание на Русија кое веќе E присутно преку трети страни.

„Ова е ѕвончето што треба да ја разбуди Европската унија за уште порешително да продолжи со евроинтеграцијата  и проширувањето.  И сега е време земјите од Западен Балкан да продолжат со своите резултати, да продолжат со реформите, но и да решат од која страна се. Дали се со ЕУ или со Русија, односно против ЕУ“, посочи Сузан Шуц.

Сабине Штер, директорка за европска политика вели дека слабите точки се одбраната и прашањето до каде Европската унија е подготвена да оди во поддршката за Украина и додаде дека и регионов треба да биде вклучен во мерките за справување од последиците од кризата.

„Видовме голема солидарност, многу единство во реакцијата на ЕУ, јасно осудување на она што се случува и  еднообразна активност во меѓународните реакции, благодариме и на Северна Македонија во напорите за решавање спорови и во меѓународната сфера тоа е многу важно. Треба да ја засилиме отпорноста и да ги зајакнеме мерките и реакциите од земјите од Западен Балкан, земјите кои ни се сојузници, пријатели и кои ни се истомисленици“, вели Сабине Штер.

Евроамбасадорот Дејвид Гир смета дека Македонија и Албанија треба што поскоро да ги почнат преговорите но дека проширувањето треба да има кредибилен процес кој треба да се заснова на темелни реформи на институциите.

„Треба да се отворат преговори што поскоро но не треба да ја занемариме регионалната димензија во повеќе земји. Еве сега во Босна, го гледаме прашањето на дијалогот со Косово и Србија, сето тоа се важни прашања, Црна Гора исто така. И во оваа смисла освен политичките заложби што треба да продолжат не треба да се занемарат економските и реформски заложби што ги тераме преку Берлинскиот процес“, порача Дејвид Гир.

Професорот Ненад Марковиќ истакна дека можноста за влијание на трети земји врз земјите од Западниот Балкан може да е резултат на предолгиот процес и застој во интеграцијата во Европската унија.