Швајцарска компанија тестира роботи за дезинфекција на авиони

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Робот, кој со ултравиолетова светлина убива вируси, се тестира на швајцарските авиони со цел да се врати довербата на патниците и да се оживее авионската индустрија која трпи големи последици од пандемијата со Ковид 19.

Агенцијата Ројтерс пренесува дека швајцарската компанија „Увеја“ моментов спроведува вакви тестирања со својот робот и аеродромската компанија „Дната“ на авионите „Ембраер“ и „Хелветик ервејс“, чартер авиокомпанија во сопственост на швајцарскиот милијардер Мартин Ебнер.

„Производителите на авиони мора дополнително да ги потврдат овие уреди и да го проучат влијанието на нивната УВ-светлина врз внатрешните облоги, што може да избледи по многу дезинфекции“, рече коосновачот на Увеја, Зодок Елмиџи, наведува агенцијата.

Тој се надева дека нивните роботи за чистење би можеле да го намалат стравот на луѓето од летање, дури и додека циркулира Ковид 19, бидејќи, како што вели, ова е докажана технологија која се користи повеќе од 50 години во болниците и лабораториите и е многу ефикасна, а не остава траги.

Елмиџи вели дека еден робот може да дезинфицира помал авион за 13 минути од почеток до крај, додека за поголемите авиони ќе треба повеќе време.

Агенцијата пренесува дека неговиот тим досега направил три прототипа, од кои едниот бил демонстриран во авион на Хелветика на аеродромот во Цирих, каде минатата година прометот паднал за 75%.

Раководителите на „Дната“ се надеваат дека производителите на авиони ќе ги одобрат овие роботи, а Елмиџи проценува дека нивната цена би можела да биде околу 15.000 швајцарски франци, бидејќи владите бараат примена на нови мерки за да се осигура дека патниците во авионот се заштитени од инфекцијата, наведува агенцијата.