Незапочнувањето на преговорите на Македонија со Европската унија е нечесно и со тоа се нарушува кредибилитетот на унијата. Ова е заедничкиот став на министрите за надворешни работи на Македонија Бујар Османи и на Унгарија Петер Сијарто. Унгарскиот шеф на дипломатијата кој беше во посета на земјава рече дека Македонија и Албанија треба веднаш да ги почнат преговорите а упати и порака до Бугарија.
„Ние бевме незадоволни, може да кажеме и фрустрирани од одлуките во врска со проширувањето прифатени во Брисел. Бујар беше во право за тоа дека е важно да имаше заклучоци, но ние сите тие одлуки ги сметаме за многу неправедни. Сакаме да ги замолиме нашите бугарски колеги да одобрат започнување на преговорите и во текот на преговорите да ги решаваат отворените прашања“, посочи Петер Сијарто.
Доколку се има политичка волја не се потребни 6 месеци, го повтори својот став министерот Османи, откако деновиве премиерот на Бугарија Кирил Петков најави дека во следните 6 месеци ќе се формираат работни групи за различни сфери и во тој период ќе се разгледува што Македонија исполнила.
„Мојот став е дека доколку се има политичка волја навистина не се потребни уште 6 месеци да се држи во неизвесност државата, европската перспектива и регионалната динамика. Ние сме спремни утре да седнеме со Република Бугарија да ги продолжиме разговорите таму каде што беа останати и мислам дека можеме за многу пократок период да ги надминеме разликите и да почнат преговорите што побрзо“, вели Бујар Османи.
Бугарскиот претседател пак Румен Радев за првата половина на јануари најавува дека ќе го свика Консултативниот совет за национална безбедност на која ќе се расправа за Македонија. Важно е да се има став во кое и политичките партии треба да имаат јасна консолидација што треба да се направи за да го забрзаме процесот на интеграцијата на Македонија во ЕУ, истакна Радев.
„Да има јасна консолидација што треба да се направи за да го забрзаме процесот за интеграција на Република Северна Македонија во Европската унија, но со почитување на бугарскиот национален интерес. Многу е важно да се разбере дека одбраната на правата на македонските Бугари, создавањето услови за нивно целосно вклучување во општествениот, политичкиот и економскиот живот во земјата е прашање од исклучителна важност за Бугарија“, порача Румен Радев.
Инаку и бугарскиот премиер Кирил Петков рече дека би сакал во текот на јануари да оствари средба со новиот премиер на Македонија. Тој предложи да има пет работни групи и тоа за економија, инфраструктура, евроинтеграции, култура и историски прашања.
