Сиљановска-Давкова на 22. Европски самит во Салцбург: Со одлагањето на сопственото проширување ЕУ практично демонстрира немоќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на 22. Европски самит во Салцбург на сесијата на тема „Дали Европа (сè уште) е глобален играч?“. Таа говореше за иднината на европскиот проект, стратешките предизвици со коишто се соочува ЕУ и потребата од забрзување на евроинтеграциите на Западен Балкан.

Осврнувајќи се на европскиот пат на земјава, Сиљановска-Давкова потсети дека од 35 години независност, дури 21 година Македонија е кандидат за членство во ЕУ, со 17 позитивни извештаи за почеток на преговорите, висок степен на хармонизација со европското законодавство и стопроцентна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика, како и дека земјата е меѓу најуспешните во европските реформи и во спроведувањето на Планот за раст на Западниот Балкан.

Според неа, ниту една европска држава на својот интегративен пат не понела толку тежок товар: промена на државното знаме, уставното име и усвојување 36 уставни измени, од кои, како што се наведува во соопштението, најголем дел диктирани од надвор.

„Принудувањето на една држава да ја менува својата внатрешна правна структура за да се разреши историски спор отвора сериозно прашање за доследноста на европските принципи. Членот 4(2) од Договорот за ЕУ ја обврзува Унијата да ja почитува еднаквоста на државите-членки и нивните национални идентитети, вградени во нивните основни политички и уставни структури. А сепак, во нашиот случај, уставната промена условена од билатерален историски спор се претставува како тест за нашиот демократски капацитет“, рече Сиљановска-Давкова.

Според неа, заострената реторика покажува колку бргу регионот може да назадува кога европската перспектива станува нејасна. Таа посочи дека единствената сила што може да ги смири балканските духови и да го придвижи регионот напред е кредибилна перспектива за членство во ЕУ.

„Додека со понудите за асоцијативно членство за прекуокеански држави Унијата декларира амбиција за глобална моќ, со одлагањето на сопственото проширување таа практично демонстрира немоќ“, истакна претседателката.

Таа воедно нагласи дека проширувањето не е само политика кон кандидатите, туку тест за капацитетот на ЕУ да дејствува стратешки. „Ако сака поголема геополитичка тежина, Европа мора да биде похрабра и поконзистентна: помалку непредвидливост, повеќе меритократија; помалку патернализам, повеќе вистинско партнерство“, нагласи Сиљановска-Давкова.

За неа, наместо катализатор за реформи, процесот на проширување сè почесто станува заложник на билатерални спорови што не се дел од Копенхагенските критериуми.

„Кога напредокот не зависи од самите реформи, процесот ја губи својата кредибилност. Тоа веќе не е само проблем на кандидатите, туку институционален проблем за самата ЕУ“, порача Сиљановска-Давкова.

Осврнувајќи се на реформите на проширувањето, претседателката укажа дека системот на заслуги мора да биде заштитен, дека членството не смее да создава Европа од прв и втор ред, како и дека постепената интеграција може да донесе реални придобивки уште пред полноправното членство, но само ако води кон членство, а не кон трајна замена за него. Сиљановска-Давкова заклучи дека реформата на проширувањето не е услуга за Западниот Балкан, туку инвестиција во геополитичкиот капацитет на самата ЕУ.