Kомората бара посебен статус за транспортерите – возачите на камиони се сeрвис на ЕУ-индустријата, не се туристи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Посебен статус за професионалните возачи и нивно изземање од шенгенските ограничувања што важат за туристите – е предлогот на Стопанската комора за решавање на проблемот со транспортерите. Според нив ваквиот предлог би бил паралелен механизам на билатералните визи. Бариерите за превозниците ќе бидат тема на претстојниот состанокот на министрите за економија од регионот, што ќе се одржи задутре во Цетиње.

„Преку Коморскиот инвестициски форум (КИФ) и работните средби со Европската комисија, на средбата на бизнис-платформата на КИФ ќе имаме висок претставник од Европската комисија, господинот Џорџо Зека. Таму бараме посебен статус, што значи изземање за професионалните возачи како мобилни економски работници од витален интерес, што би било паралелно со користењето на билатералните механизми, оние долгорочни визи од типот Д со земјите членки“, вели Даниел Матракоски.

Тој потенцираше дека не е логично возачите да се третираат како туристи.

„Возачите се соочуваат со неодржлива административна пречка. Стоката не се движи сама. Ова не е миграциско прашање, туку е прашање на опстанок на европските синџири на снабдување. 77,5 проценти, како што споменав во излагањето од нашиот извоз оди директно во ЕУ. Не е логично возачите кои ја сервисираат европската индустрија да се третираат со истите 90-дневни шенгенски ограничувања како туристите“, вели Даниел Матракоски.

Министерот за транспорт Александар Николоски неодамна изјави дека ќе се прават билатерални договори со земјите дел од Шенген зоната за да се реши ова прашање. Билјана Муратовска од „МАКАМ транс“ пак излез за проблемот гледа во новата визна стратегија со која што возачите ќе бидат признаени како професионалци со право на подолг престој, која ЕУ треба да ја усвои во текот на идната година.