На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој престојува во прва официјална посета.
Сиљановска-Давкова и Руте одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на македонската и на делегацијата на НАТО.
Според претседателката, посетата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во време на растечки непредвидливи предизвици е јасна потврда за важноста на сојузничката солидарност и заедничката одговорност во рамките на НАТО.
Таа го информираше генералниот секретар за неделната седница на Советот за безбедност на којашто беше заклучено дека и покрај моментално стабилната внатрешна состојба, се наметнува нужност од постојaно следење на галопирачките настани и навремено и соодветно реагирање на истите.
„Дозволете ми уште еднаш да му посакам добредојде на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Се соочуваме со глобална неизвесност, со геополитички тензии, со војна на европско тло, со сајбер закани, со хибридни закани, со закани од ширење на дезинформации и затоа мислам дека посетата на генералниот секретар Руте, којашто за жал коинцидира со време на сериозни безбедносни предизвици (мислам на галопирачките воени дејствија на Блискиот Исток и Персискиот залив) за мене е јасна потврда за важноста на сојузничката солидарност и на заедничката одговорност.
Јас веќе го информирав господинот Руте дека од тие причини викендов го свикав Советот за безбедност. Овие сложени безбедносни околности бараат будност, подготвеност, јакнење на активностите на инструментите за рано предупредување, како и посилни и одржливи инвестиции во одбранбените капацитети.
Во овој момент, затоа е господинот Руте тука и му посакувам и верувам дека тоа може да го направи, неопходно е во рамките на НАТО Алијансата да се надминуваат разликите или да се усогласуваат разликите за да се обезбеди кохезија врз основа на заедничките вредности и принципи врз кои е втемелено НАТО. Токму заради тоа, повторувам, улогата на генералниот секретар е особено важна.
Јас цврсто верувам дека НАТО не е само воен сојуз, туку дека е и заедница на споделени вредности, на споделена одговорност, но и што е најважно, на заедничка визија за безбедна иднина и ние продолжуваме да бидеме одговорна членка на НАТО сојузот.
Сакам да потсетам, или да нотирам неколку работи:
Како кредибилен сојузник, ние го спроведуваме Планот за инвестиции во одбраната, вклучително и заклучокот од самитот во Хаг за издвојување одреден процент од БДП за одбрана до 2035 година. Исто така, ги исполнуваме и Целите за способностите. Потенцирам, не се во прашање проценти, два проценти, пет проценти, и бројки, туку инвестиција во заедничката одбрана и безбедност.
Ние го исполнивме условот од самитот во Велс од 2% од БДП за одбрана (денеска тука е и министерот за одбрана) и од нив над 30% се наменети за опрема и модернизација и модернизацијата продолжува.
Активно придонесуваме кон одвраќањето на опасностите и кон заштитата на одбранбената позиција на НАТО преку борбените групи во Латвија, во Бугарија, во Романија, мисијата на КФОР во Косово, мисијата на ЕУ – АЛТЕА во Босна и Херцеговина и мислам дека тоа успешно го правиме. Со тоа јасно демонстрираме дека безбедноста е заедничка одговорност.
Во однос на Украина, ќе продолжиме со поддршката, со верба за можен договор за праведен и траен мир“, потенцираше Руте.
