Сиљановска-Давкова со честитка за Божиќ: Од срце посакувам мирот божји да го завладее секој православен дом

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го честиташе големиот христијански празник Рождество Христово – Божиќ.

„На сите православни верници им го честитам големиот христијански празник Рождество Христово – Божиќ, денот на раѓањето на Богомладенецот и Спасителот на светот, во кого се сплотија и лицетворија во совршено единство, божествената и човековата природа.

Од срце посакувам мирот божји да го завладее секој православен дом, исполнувајќи го со божјите добродетели.

Рождеството Христово, и по повеќе од два милениума, нè вдахновува со неизмерна љубов и бесконечна добрина, хармоничност и мир, потсетувајќи нè на давањето безусловена помош, поткрепа и утеха на сите оние на кои тие им се потребни.

И годинава, божиќните празници ќе ја зацврстат нашата вера и надеж и ќе нè потсетат на човековата насушна потреба од чинењето добри дела.

Да му се радуваме на животот и да придонесуваме за доброто на заедницата. Да ги отвориме ширум нашите срца за сите ближни, та, така сплотени во соборноста, да ја креираме и градиме благосостојбата на македонското општество!

Христос се роди!“, напиша Сиљановска-Давкова.