Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието, Африм Гаши и премиерот Христијан Мицкоски денеска упатија честитка по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.
Претседателката во својата честитка истакна дека малкумина луѓе во историјата имале чест да бидат перцепирани од многу народи и држави како апостоли и заштитници на Европа!
„Такви се солунските браќа, творците на глаголицата, објавувачите на божјата вистина на старословенски јазик, втемелувачите на сесловенската историја, описменувачите и просветителите на словенските народи. Нивното благословено и благородно дело и денес има обединувачка моќ и се смета за заедничко историско и цивилизациско наследство.
Колку ли благодарни треба да им бидеме за сеуште живото и почитувано слово, без кое, ниту оние пред нас, ниту ние, не ќе можевме да ги разбереме богослужбените книги, ниту да читаме, учиме, пишуваме и твориме, односно да се просветуваме и просветлуваме. Кирил и Методиј го изградија и се вградија во темелот на духовниот и културниот идентитет на словенските народи, меѓу кои и на македонскиот.
Впрочем, само описменети можеше да се самоосвестиме и ослободиме, најпрво од незнањето, а потем и од потчинетоста од секаков вид. Да потсетам, во деветтиот век, кога писменоста била привилегија, а словото орудие на духовна и политичка доминација, светите Кирил и Методиј ја започнуваат својата просветителска мисија меѓу словенските народи како апостоли на писменоста, знаењето и духовната еманципација.
Нивниот подвиг не се состои само во создавањето на азбуката, туку во отворањето можност словенскиот човек, сопствената мисла, вера и културна самосвест да ги артикулира на јазикот што го разбира и чувствува како близок и свој, борејќи се за него и бранејќи го. Јазикот не е само збир на зборови, туку и колективна меморија, вредносен код и чувство на припадност што еден народ ги пренесува низ времето, од генерација на генерација.
Во време на неизвесност, длабоки поделби и сè поизразена отуѓеност, 24 Мај нè потсетува дека без култура, образование и наука, но и без вредносен систем, ниту едно општество не може да изгради меѓусебна доверба и заедништво. Честит 24 Мај, Денот на светите браќа Кирил и Методиј!“, напиша Силјановска Давкова.
Претседателот на Собранието, Гаши изрази почит и благодарност кон двајцата просветители, кои со својата мисија ги поставија темелите на писменоста, образованието и духовниот и културниот развој на словенските народи.
„Наследството на Светите Кирил и Методиј останува трајна инспирација за зачувување на универзалните вредности на знаењето, дијалогот и почитувањето меѓу народите. На овој значаен ден, ја потврдуваме нашата посветеност кон образованието, културата и соработката, како вредности што градат демократски и напредни општества. Оваа година, Денот на Светите Кирил и Методиј го одбележуваме во Ватикан, каде што ја предводам државната делегација на Република Северна Македонија на традиционалниот настан во чест на Свети Кирил“, напиша Гаши.
Премиерот Мицкоски пак вели дека браќата Кирил и Методиј испратиле порака која и денес е современа и моќна – секој народ има право на образование, култура, духовен израз и свој јазик.
„Народ кој не ја познава својата писменост и култура лесно станува туѓ во сопствената историја.
Како што вели, не зборуваме само за двајца просветители од деветиот век, туку за темелот на една цивилизациска идеја дека човекот е вистински слободен само тогаш кога има право да мисли, учи, создава и да говори на свој јазик.
„Во едно време кога заењето било привилегија на малкумина, тие испратиле порака која и денес е современа и моќна – дека секој народ има право на образование, култура и на свој јазик. Токму затоа нивното дело е поголемо од историски настан. Тоа е победа на светлината над темнината, победа на знаењето над покорувањето. Народ што не ја познава својата писменост и култура, лесно станува туѓ во сопственната историја. Тоа не е само историска поука, ова е и современо предупредување“, порача Мицкоски.
