Евроинтеграциските процеси и условите кои низ годините земјава имаше обврска да ги исполнува беше темата на кое претседателката Гордана Силјановска Давкова се задржа на обраќањето на 79-то Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк. Употребувајќи го уставното име Република Северна Македонија, Давкова потсети за сите услови и барања кои ни беа поставени за членство во Европската унија и како што рече се уште како Годо го чекаме од 2005 година постојано охрабрувани со ветувањата – уште само овој услов.
„Се разбира, новото име е формално-правна реалност и мојата држава Република Северна Македонија, како одговорна земја членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнува меѓународните обврски. Но, членството во ЕУ, заради кое го прави тоа, не само што не се оствари, туку македонските граѓани сега се пред нов, повторно „последен услов“ за уште една уставна измена, но, не за членство, туку за почеток на преговорите и тоа по втор пат“, порача Гордана Сиљановска Давкова.
Со симболика на недовршена симфонија Силјановска рече дека Европската унија не може да биде целосна без зачленувањето на Македонија. Иако директно не ја посочи Бугарија за поставувањето услови и блокади рече дека проширувањето мора да биде директно врзано со меритократски критериуми.
„Како мирољубива држава, посветена на добрососедството и на регионалната соработка, очекуваме разбирање и соработка со нашите соседи, без закана со вето. Проширувањето мора да се врзе за меритократските Копенхагенски критериуми и да се ослободи од ветоизацијата врзана за обидот за ревизија на историјата и непочитување на националниот и културниот идентитет“, вели Гордана Сиљановска Давкова.
Претседателката Силјановска во Њујорк во рамки на учеството на Генералното собрание на Обединетите нации имаше средба со високиот претставник на американскиот Стејт Департмент за Западен Балкан Александар Касаноф на кое таа изразила очекување за поддршка од САД за побрз почеток на преговорите со Европската унија. Касаноф пак и порача дека САД остануваат да бидат силна поддршка во обид да се пробие блокадата на Македонија во Европската унија.
