Силен земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтер ја погоди Колумбија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Потресот се случил на околу 34 километри северозападно од градот Картаго, а епицентарот бил на длабочина од 115 километри. Според првичните известувања на светските агенции и локалните медиуми, земјотресот предизвика повредени лица и значителна материјална штета во една провинција на пацифичкиот брег на земјата, како и во градот Переира, соопштија гувернерите на провинциите. Земјотресот беше почувствуван и во главниот град Богота, како и во Венецуела.

„Тукушто доживеавме силен земјотрес во департманот Чоко. Загрижени сме поради можноста од последователни потреси. Иако епицентарот беше во близина на Сан Хозе дел Палмар, има повредени лица и значителна штета на објекти во главниот град Кибдо. Веќе вршиме проценка на штетите и наскоро ќе го објавиме првиот официјален извештај“, изјави гувернерката на Чоко, Нубија Каролина Кордоба-Кури, на платформата X.

Гувернерот на соседната провинција Рисаралда, Хуан Диего Патињо, за локалното радио „Блу Радио“ изјави дека има „сериозно оштетување на некои објекти“ во Переира, главниот град на провинцијата. „Она што штотуку се случи е многу сериозно. Снимките навистина се шокантни, има повредени лица и урнати фасади на објекти“, изјави тој.

Американскиот систем за предупредување од цунами соопшти дека нема опасност од цунами. Геолошката служба на Колумбија дополнително ја ревидираше магнитудата на земјотресот на 7,4 степени и соопшти дека се случил на длабочина од 96 километри, наместо на 79 километри, како што првично известија властите.

Националната единица на Колумбија за управување со ризици од катастрофи соопшти дека е во контакт со локалните власти за да ги провери можните штети. Градоначалникот на Богота, Карлос Галан, на платформата X изјави дека во главниот град нема поголема материјална штета.