Силно обезбедување пред гробот на Гоце Делчев – Ковачевски: Нема влез во државата за провокатори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Голем број полициски екипи уште од вчера се распоредени во околината на црквата Свети Спас каде што е вечното почивалиште на македонскиот револуционер Гоце Делчев во пресрет на утрешното чествување на 151 година од неговото раѓање. Полицијата го подигна степенот на безбедност и го затвори сообраќајот и пристапот на граѓаните до црквата, по најавите на неколку групи од земјава кои повикуваат на масовност на денот за, како што велат, да се одбрани ликот и делото на Делчев. Воедно ваквите мерки се и да не се дозволи провокации од одредени бугарски здруженија кои најавија дека ќе дојдат во земјава. Премиерот Ковачевски повика на достоинствено одбележување на денот и рече дека за сите оние за кои постојат индиции дека можат да предизвикаат немири нема да бидат пуштени на граница, но не сакаше да каже дали ова се однесува и на Ангел Џамбаски. Досега, рече тој, нема најава дека ќе дојде официјална државна делегација од Бугарија.

„Секој оној кој што е добронамерен, кој е официјална државна институција кои што сакаат да се поклонат на гробот на великанот на македонската национална борба тука во Скопје на достоинствен начин слободно можат да го најават своето учество. Сите оние кои што се недобронамерни кои што се провокатори кои што го негираат македонскиот народ, кои што ја негираат македонската држава, кои што ги нарушуваат чувствата на Македонците и на другите граѓани тие нема да влезат во државата“, вели Димитар Ковачевски.

Во врска со вчерашната декларација која бугарското собрание ја усвои на последниот ден пред распуштањето на парламентот а со која се осудува насилството врз Бугарите во Македонија, Ковачевски со став дека со ваквата декларација на соодветствува на договорените политики меѓу двете земји. За ова вчера со соопштение излезе и Министерството за надворешни работи

„Со жалење и Министерството и јас, констатирам дека собраниската декларација за наводна ескалација на агресивни антибугарски активности во Република Северна Македонија не соодветствува на договорената политика за унапредување на меѓусебните односи преку заемно уважување и почитување. Бројните изјави за вакви случаи сега веќе преточени и во содржината на декларацијата во бугарското собрание ги сметаме за преувеличени и неосновани кои на ниту еден начин не соодветствуваат со реалноста“, додава Димитар Ковачевски.

Утре, на 4 февруари се одбележуваат 151 година од раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев, каде бројни делегации ќе се поклонат пред гробот и ќе положат венци и свежо цвеќе.