Директорот на Завод за статистика, Апостол Симовски вели дека било негова грешка кога при презентација на методологијата рече дека роднините нема да можат да пријават етничка, верска и јазична припадност на нивни блиски кои нема да бидат присутни при пописот.
Симовски истакна дека најдобро би било податоците да се даваат лично, а за тоа иселениците да се информираат и да можат и самите да се попишат преку онлајн апликација која се очекува да се активира од 1 март.
Целта на заводот, вели Симовски е што повеќе луѓе да се попишат сами и во тој правец била и неговата изјава минатата недела. Првичните тврдења пред неколку дена кренаа прашина бидејќи Симовски рече дека етничката, верската и јазичната припадност се лични и роднините не можат да ги декларираат во име на друг роднина.
Оваа изјава на Симовски предизвика реакција и од заменик директорот на Заводот за статистика, Иљми Селмани кој рече дека директорот згрешил бидејќи тоа не е предвидено ниту со закон ниту со методологијата на пописот.
„Законската одредба е општа и вели дека ќе даде податоци кои се однесуваат на лицето надвор, ги вклучува сите податоци, од матичен број и се друго што се однесува на пописот“, истакна Иљми Селами.
При пописот, државјаните на Северна Македонија кои повеќе од 1 година живеат надвор од земјава, ќе имаат две можности за попис, онлајн или да овластат нивни блиски да ги попишат.
