Синдикалната минимална кошница за декември зголемена на 65.492 денари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вредноста на синдикалната минимална кошница за декември, која ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), изнесува 65.492 денари, што претставува зголемување од 319 денари во споредба со ноември, кога изнесуваше 65.173 денари.

Од ССМ информираат дека доколку се вклучи и трошокот за изнајмен стан од 60 квадратни метри, вредноста на синдикалната минимална кошница за декември достигнува 80.867 денари.

Според деталната пресметка, најголем дел од средствата се потребни за храна и пијалаци – 23.640 денари. За образование се издвојуваат 7.159 денари, за станарина, вода, електрична енергија и греење 6.130 денари, за облека и обувки 5.875 денари, а за транспорт 4.636 денари. Трошоците за ресторани и хотели изнесуваат 4.131 денар, за комуникации 3.417 денари, додека за лична хигиена и одржување на хигиената во домот се потребни 2.620 денари.

Во меѓувреме, заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески на 17-ти овој месец најави дека од 1 јануари, покрај синдикалната минимална кошница, и Владата ќе започне со пресметка на просечна потрошувачка кошничка. Таа ќе се однесува на најмалку четиричлено семејство и ќе биде тема на разгледување на Економско-социјалниот совет, закажан за 22 декември (понеделник).

Како што појасни Ристески, во пресметките ќе бидат вклучени податоци од најголемите маркети во земјава, цените на основните прехранбени производи, како и трошоците неопходни за еден просечен живот. Притоа ќе се земат предвид и регионалните разлики, а кај овошјето и зеленчукот ќе се користат производи карактеристични за периодот во кој се врши пресметката.