Синдикатот на ДПИ против директорот – Ѓорѓиевски: Тој не го исполнува потребните критериуми за оваа позиција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првиот човек на Државниот просветен инспекторат не е соодветен за оваа позиција, велат од ресорниот синдикат. Оттаму додаваат дека тој не ги исполнува критериумите потребни за оваа позиција, односно дека според законот треба да има најмалку 5 години педагошко работно искуство во воспитание и образование, за што веќе реагираше и Антикорупциска комисија.  Инспекторите кои на терен ја проверуваат состојбата со директорите на училиштата ни велат прво кај нас да ја средиме состојбата со нашиот директор па потоа да дојдеме кај нив, вели Јован Ѓорѓиевски претседател на Независниот синдикат на Просветниот инспекторат.

„Директорот кој што доаѓа во Државниот просветен инспекторат, според ДКСК што ја објави, видовме дека не е соодветен за тие работи кои што ги извршува. Дека дел од тие критериуми кои што треба да ги поседува ги нема, односно минимум 5 години што треба да ги има во образованието го нема тоа“, порача Јован Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски најавува дека во наредните денови ќе поднесат пријава до неколку надлежни институции во државата.

„Ние денеска донесовме наша одлука да ги известиме сите институции во државата кои ќе постапуваат во нивните надлежности така што ќе видиме што ќе произлезе понатаму од тоа. Ние како вработени во ДПИ кој што сме инспекторат односно контрола на работењето на институциите и на терен не сакаме да бидеме дел од неквалитетот, нестручноста на сите тие кадри“, вели Јован Ѓорѓиевски.

Инаку, директор на Државниот просветен инспекторат е Халит Фератов кој е именуван на оваа позиција по доаѓањето на Алијанса за Албанците во Владата.