Почна снимањето на новиот филм на режисерот Небојша Јовановиќ со работен наслов „И Божана сака чоколадо“, копродукција меѓу Македонија, Србија и Молдавија. Филмот е работен по сценарио на Ева Камчевска и Јовановиќ, а викендов стартуваше снимањето на локации во центарот на Скопје.
Во актерската екипа се Даниела Ивановска и младиот актер Александар Стоименовски, кој гради кариера во Белград, додека во улогата на малиот Ивица дебитира Дарен Тодевски – син на популарната пејачка Тамара Тодевска.
Во филмот играат и Петар Мирчевски, Маја Вељковиќ, Гордана Ендровска, Марија Кондовска и Мартин Ѓорговски. Кастинг директор е Биљана Драгичевиќ, кинематографер Дарио Секуловски, костимограф Жаклина Крстевска, а шминката е на Жанета Димитриевска.
Филмот обработува тема за немоќта на општеството да се соочи со сопствените слабости и последиците од неприфаќањето на изборите на другите, а проектот е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија.
