Вака изгледа привремениот „учебник“ за петто одделение. Четири во едно, македонски јазик, математика, природни науки и општество и историја во иста книга, која МОН ја нарече материјали за учење.
Како и претходните така и учебната 2022-23 година започна без учебници по одредени предмети. Наставните програми се готови согласно новата Концепција за основно образование, но учебниците ќе доцнат во првите месеци од учебната година. Авторите на учебниците имаат решенија за истите, но проблемот е во тендерите, се прават комбинации како да се печатат- вели претседателот на Независниот синдикат Томислав Гиевски. Ова го негира министерот и вели дека не е стигната работата до тендерите, а од друга страна на својот Фејсбук профил напиша.
„Основците добиваат нови учебници и помошни наставни материјали, значително е модернизирана настава во средното образование, со многу нови дуални паралелки и компании партнери на училиштата“, вели Јетон Шаќири, министер за образование.
Според Гиевски скрипти и помошни материјали по одредени предмети се доставени во училиштата, но тоа не се учебници.
„Факт е дека по многу предмети фалат учебници, по некои предмети фалат учебници веќе трета или четврта година, а во средното стручно образование и по 5-6 години. Оваа информација не е вистинита има многу предмети по кои ќе недостасуваат учебници“, изјави Томислав Гиевски од Независниот синдикат за образование.
Министерот се пофали и со повисоки плати за просветните работници на неговиот Фејсбук профил:
„Започнуваме со 15 % повисоки плати за сите наставници“, вели министерот Шаќири.
Колку и да се фалат политичаритe дека ни ја покачиле платата, ние сме единствена држава во Европа каде почетната плата на просветниот работник е под републичкиот просек во самата држава-реагираат од независниот синдикат.
„Повторно се злоупотребува законот за минимална плата. Ние сме единстевен сектор во јавната сфера каде не се почитува законот за минимална плата, што предизвикува револт кај просветните работници. Секаде е 18 000 денари, а кај нас најниската плата со 15% покачување со најнизок степен на сложеност ќе биде 11.150 денари“, изјави Томисла Гиевски од Независниот синдикат за образование.
Настава без учебници стана тренд кој трае 10 години, вели претседателот на независниот синдикат за образование Томислав Гиевски и додава дека на овој начин се импровизира во образовниот процес.Доколку не се обезбедат учебници вели Гиевски се губи интересот на учениците, квалитетот на наставата, авторитетот на наставникот бидејќи ги губи алатките со кои може да им го привлече вниманието на учениците, а со тоа се губи и авторитетот пред родителите. На почеткот на новата учебна година учениците ги добија сведителствата за претходната.
