Екс претседателот Бранко Црвенковски кој по долго време се појави во јавност, на свечениот научен собир организиран од МАНУ изрази голем број критики за сегашната актуелна состојба во државата. Тој рече дека Преспанскиот договор не е добар, но е избор на помало зло, додека за Договорот со Бугарија не гледа можен компромис. Бара да се иницира национална платформа која ќе се бори против проблемите во државата високата корумпираност, длабоката поделеност и големата задолженост.
„Зарем некој од Брисел треба да ни каже дека законот треба да важи еднакво за сите, судството да биде независно, медиумите слободни, дека корупцијата е зло кое ако не го совладаме ќе не уништи. На Македонија ургентно и е потребна една национална платформа околу која ќе се постигне широк општествен консензус и ќе биде задолжителна за спроведување за сите. Без разлика кој ќе биде власт, а кој опозиција, се додека клучните работи не бидат доведени во ред“, истакна Бранко Црвенкоски.
Поранешниот претседател Ѓорге Иванов кој имаше видео обраќање ја критикуваше власта за начинот на водење преговори со Бугарија.
„Со договорот со Бугарија власта во Македонија сака да реши едно прашање кое ќе ја задоволи само бугарската страна. Она што Македонија го добива за возврат е само понижување преку одрекување и одродување од сопствената историја, без која немаме компас за иднината“, посочи Ѓорге Иманов.
Актуелниот претседател Стево Пендаровски смета дека договорите со Грција и Бугарија се важни за напредокот на земјава, но за него се неприфатливи идентитетските барања од официјална Софија.
„Договорот со Бугарија од 2017 е пример за приближување постигнат без странска асистенција, акт кој не дискриминира ниту една од страните кои и во пост-комунизмот, за жал, не ги надминаа взаемните стереотипи една за друга. Не очекувам негативни ефекти ниту во фазата на негова целосна имплементација, затоа што е познато дека во таа смисла за нас воопшто не постои маневарски простор, имено, ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европската интеграција“, посочи Стево Пендаровски.
Од името на починатите претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски се обратија нивните соработници Живко Кондев и Владо Поповски. Инаку на овој научен собир се обрати и претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев кој исто така ги критикуваше одлуките на актуелната власт. Денешните политичари се слуги на дневно-политичките и геостратешките интереси а не на државотворните интереси што заеднички ги славиме, рече тој.
