Со покачувањето на температурите туристите ги преплавија Охрид и Струга, а за време на викендите, посетеноста е уште поголема. Но во недела се е затворено поради новиот закон “Недела неработен ден“. Трговците бараат законот да се смени и да можат да работат во недела особено сега, за време на летната сезона.
Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска ги посети Охрид и Струга а ги извести трговците и бизнисмените дека веќе предложил до Собранието измени за Законот за трговија, со кои се дозволува работа во неделите и празниците во туристичките места.
Бектеши рече дека работниците кои ќе работат во неделите ќе имаат 100% повисоки дневници, додека останатиот дел од активностите, одредени согласно законот за работни односи, ќе земаат дневници повисоки за 50%. Но трговците велат дека работниците секогаш имале слободен ден и дека тоа никогаш не било проблем.
Бектеши рече дека со ребалансот на Буџетот предвидени се 15 милиони денари за продолжување на мерката за туристички ваучери за работниците со ниски примања. Според планираните средства, проекциите се дека ваучери ќе се обезбедат за 1500 до 2000 семејства.
