Скандал: Доктор снимен со кокаин – Лекарската комора од понеделник ќе го разгледува случајот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Скандалозното видео што излезе во јавноста во кое се гледа дека сега веќе разрешениот директор на Универзитетската Клиника за неврологија Игор Кузмановски меша, па објаснува како се користи кокаин па дури и вели дека има договор со дилери да му дадат најдобар кокаин, предизвика огромни реакции во јавноста. Веднаш по овој скандал министерот за здравство Азир Алиу донесе решение за негово разрешување, но дали ќе се поведе и кривична одговорност за сега нема информации.

-Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено, рече министерот за здравство, Азир Алиу.

Кузмановски веднаш потоа преку социјалните мрежи испрати извинување до јавноста во која наведе дека тоа се случило пред да ја преземе функцијата директор на Клиниката, но и дека ќе продолжи да работи како доктор.

-Изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката која се има случено далеку пред моето превземање на менаџирање на клиниката за неврологија. Се извинувам на сите кои ги разочарав, и ќе продолжам да работам како доктор, она што највеќе го знам, сакам и живеам, да спасувам животи, помагам и работам за доброто на заедницата, вели разрешениот директор на Клиниката за неврологија, Игор Кузмановски.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче вели дека ова е сериозно прашање и дека доктор во таква состојба можел да го загрози животот на пациентите. Затоа побара од Лекарската комора да преземе мерки.

– Сметам дека треба да реагира Лекарската комора во однос на тоа да се направи проценка дали колку време наназад се случувало тоа, односно дали во една таква состојба доктор воопшто може да лекува пациенти. Тоа е многу сериозно прашање, можеби во прашање биле доведени животи на некои негови пациенти доколку бил во некоја таква состојба, да не прејудицираме, но оваа работа заслужува сериозна анализа и проверка од страна на Комората, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Од Лекарската комора велат дека во најскоро време ќе биде разгледан случајот и дека дополнително ќе се одлучи што ќе се преземе.

-Лекарската комора со загриженост ги следи информациите поврзани со д-р Игор Кузмановски и укажува дека докторската професија има специфична димензија која налага високо етичко и морално однесување. Конкретниот случај и расположливите информации поврзани со него ќе бидат разгледани од страна на органите и телата на Комора кои ќе постапат согласно надлежностите, велат од Лекарската комора.

Инаку, неофицијално се тврди дека веќе се водат разговори со тројца потенцијални кандидати за нов директор на Клиниката за неврологија на местото на Кузмановски.